Quantcast
Channel: Форум Воденица
Viewing all articles
Browse latest Browse all 1887

Диктатурата и Македонците

$
0
0
Диктатурата и Македонците

Цитат:

Авторитарниот популизам во земјите во транзиција и посебно на Западниот Балкан е опасност на целосно деформирање на младите демократски институции во самиот почеток на нивното заснивање. Тој се појавува како смртоносна опасност за нив и демократијата, а посебно владеењето на правото и човековите права. Од Македонија, каде таквиот систем скоро целосно се заокружи овие седум години, преку Црна Гора, Косово, Босна, Србија, во поширокото соседство, Унгарија и Турција, се етаблира како адеквататна замена за демократијата и ЕУ опциите во регионот (наспроти еу-реториките). Неколкуте заеднички теми меѓу овие популизми и оние од Европа: имиграцијата, малцинствата (со еден збор отпор кон „другите“), национализмот, антиеуропеанизмот и сл. – не се доволна причина да не се согледа големата слика, супстанцијалната разлика и различна моќ на секој од нив пооделно да ги загрозат институциите на демократијата во своите држави.


Како и популизмот, пошироко авторитарниот популизам не е концепт на кохерентни политики, не е посебна политика. Тој е повеќе вреќа која собира ЗАМИСЛЕНИ политики од различни политички спектри. Во таа смисла е асамблаж, лепенка, збирштина каде можат да се најдат во кохабирација леви и десни, екстремно леви и екстремно десни политики. Но внимавајте, се карактеризира со специфицна поврзувачка политичка догма: имено, тој ја користи тезата ДЕКА Е БЛИЗОК СО НАРОДОТ. Тоа е клучот и сврзивното ткиво на толку различни политики или замислени политики, сите заедно да можат да се изложат во една програма. Втор дел на таа политичка догма е антиелитизмот и антиинтелектуализмот. Имено, тврдењата дека елитите се закопани и корумпирани и не го слушаат гласот на народот.

Но, повторно внимателно, денешниов авторитарен популизам од пара-колонијалните земји во транзиција на Балканот е полукав од историските примери. Тој, имено, не пружа директен отпор на „шумарот“ ЕУ (нешто што последен го правеше Милошевиќ). Тој е имено исклучително љубезен и понизен кон барањата на ЕУ, целосно ПРОЦЕДУРАЛЕН (и тука и во тоа ја оневозмозува опозицијата лесно да го напаѓа, посебно социјалдемократијата која е процедурална во историјата на своето создавање).

Тој развива НЕДЕМОКРАТСКИ ПРОЦЕДУРАЛИЗАМ, авторитарен или празен процедурализам (Ален Бадју, Славој Жижек, Џорџо Агамбен и др. за ова зборуваат мошне често). Во новите диктатури на Балканот се е во согласност со законот, а законот е во согласност со НИВ – популистичката елита. Легализмот кој добива нелиберални форми го спротиставува на легитимитетот на законите и посебно Уставот.

Оваа цел ја постигнуваат така што процедурите и законите ги прават со две комбинирани техники: ЕНОРМНА ПРОДУКЦИЈА на закони, непрегледна лагислатива, законска магла – која е често внатрешно противречна, но намерно е направена така. Во таква ситуација на општа нејасност и несигурност инструментот на примена и толкување на законите е целосно во рацете на администрацијата и владата и само неа. На тој начин претпоставката на невиност и чесност на граѓанинот исчезнува. Секој е потенцијално виновен, бидејки веројатно крши некој некаде закон (кафкијанска ситуација), но не е се уште процесиран и зависи од милоста на администрацијата кога ќе биде.

Втората техника е НЕЈАСНОСТ на клучните законски норми. Не е јасно и временски се менува што е легално а што казниво. Повторно основен демијург на имплементацијата е власта и администрацијата. Нивната моќ постојано расте и со ништо не е ограничена.

Способноста на лидерите на овој авторитаризам да повлечат европски пари од фондови за легислативни проекти, а при тоа да останат исти или да ја засилат авторитарната моќ – ги прави циници кон европските вредности и отворено повикуваат на легитимност на таа политичка програма-измама.

Резултатот кој го имаме на теренот на овие авторитарни операции е создавање на двојна реалност. Постоењето на нормативна магла од проевропска легислатива, која е за покажување на странци и реалноста на диктатурата која е за „живеење“.

Овој аргумент би можел да го туркам и понатака тврдејќи дека ЕУ агендата на воочување само ситни „проблеми“ (на легислативно ниво) кај овие земји и несогледувајќи ја големата слика на создадената двојна реалност на диктатурата – е всушност најголем успех на новите авторитарни владетели.

Основна, лагмус карактеристика на авторитарниот популизам, онаа по која недвосмислено го препознавате и разликувате е напад врз независните институции на конституционализмот (Уставот). Тука е убиствено доследен и ефикасен. Создава соба на огледала или соба на ехо, со тоа што целосно ги растура независните институции и ги прави подвижни огледала кои го отсликуваат ликот на авторитарниот лидер.

Втора јасна разлика од историските претходници на сегашниот транзициски авторитариузам е ОПСЕДНАТОСТА СО МЕДИУМИТЕ!

Како рековме дека неговите политики се симулакрумни, замислени тие конечно зависат од нивното прикажување на јавноста преку медиумите, а не (барем пред се) од нивното остварување. Затоа медиумите се клучни за оваа политика и нејзиното остварување на моќта. Медиумите за неа (како вели Џ.Агамбен) не се само инструмент на власта, туку се конститутивен столб низ кој моќта и власта се реализира. Без нив, моќта на авторитарниот популизам забрзано еродира. Затоа ваквите системи се опседнати и насочени кон контрола и притисок врз слободата на сите можни медиуми. Тука не смеат да прават компромис!

Трета карактеристика, авторитарниот популизам не верува во ИЗБОРИТЕ иако е опседнат со нив и сиот политички, јавен живот го претвора во предизборна кампања (изборен парадокс).

Тој верува само во потврда на себеси и своите политики преку изборите и во никаков друг резултат. Посебно не во плурализам на опции и алтернативи. Затоа посегнува лесно по злоупотреба на полицијата на изборите, злоупотреба на гласачките списоци, корупцијата и уцена на администрацијата за изборите (преку уцена на вработените по договор ) и сл. изборно подземје.

Четврто е она што јас го сметам за убедливо најопасно, социолошки, психолошки и конечно политички, кај авторитарниот популизам, а тоа е неговата способност да создава СВОЈ НАРОД (да ја промени матрицата на политичкиот плурализам и да не зависи од слободната волја на гласачите туку да создава „свои гласачи“ кои како „живи-мртовци, зомби“ постојано посакуваат само една цел-желба). Преку насилството и манипулација со стравот (Зигмунд Бауман), преку идеологија создадена од историски фалсификати и митови на победници и жртви до повнатрешнети вредности – тоа е патот на диктатурата до успехот, тоа е нивната т.н. десна утопија. Таа како „Осмиот патник“ во утробата на препарираниот дел од толпата-народ кој гласа во транзиционите демократии се репродуцира, а тоа пак ја овозможува репродукција на популизмот на подолг рок.

Имено, на овој популизам му успева да ја продаде својата приказна поврзувајки ја во сарма: измислената историјата потопена во актуелниот страв! Создава метафоричен говор на политичка утопија на десницата: стравот за изгубеното единство нацијата!

Техниката е скоро еднаква кај авторитаризмите во регионот: со барење на нултата точка на националната хармонија во далечното минато. Со политика на селективно, најчесто фалсификувано сеќавање. Моќта на таа операција не смее да се потцени! Ќе ве потсетам на текстот на Жак Дерида, „Архивска Треска“ од 1966. Намерата е да се реинтерпретира историјата заради потврда на ролјата на авторитаризмот во сегашноста и иднината. Контрола на архивите, книгите и образованието му дава моќ на препрочитување и превреднување на историјата. Авторитаризмот продуцира специфичен осврт, флеш-бек во историјата: ја прескокнува непосредната историја и бара заснивање на нултата точка на почетното единство на нацијата кое е изгубено во далечното минато (Изгубениот објект на Лакан). Резултатот е политичка митологија (Груевски, Орбан, Ердоган) во сплет на два контроверзни мита: херојски и мит на жртва (сите балкански народи ја имаат таа логика на народ-жртва: не се спремни на компромис, сметаат дека сите ним им должат, тврди кон малцинствата и поводливи за конспирации). Херојскиот е во имагинарниот почеток кога единството на нацијата под водството на Александар е воспоставено. За да потоа биде изгубено низ долг период на страдање (мит на жртвата) и сега во назнака повторно се отвара победничкиот мит под новото водство на новиот лидер (победнички Македонци, нови Македонци, преод од македонче кон Македонец и сл).

Историјата е произволно и фриволно исечкана на парчиња и одлучено е кој од нив ќе се смета за важен и ќе се глорифицира како ултимативна фантазија.

Сегашната авторитарна политика мора да направи диконтинуитет со се претходно и да се заснова во споменатата имагинарна нулта точка на националната хармонија некаде во далечното минато (кај црни-Грујо кај Александар).

Владеачите од овој тип, во земјите на Западен Балкан успеваат да ја продадат својата политика изненадувачки успешно на еврократите, работејќи заедно на политиката на проширување на ЕУ?! Тие изгледа дека ја пронаоѓаат фамозната Г-точка на европолитката во регионот: безбедност пред демократија. Резултатот е СТАБИЛОКРАЦИЈА која тие им ја нудат на еврократите во замена за толеранција за кршењето на човековите права и рушење на владеењето на правото во сопствените држави!

Повеќето еврократи очигледно се неспособни да создадат комплетна слика од податоците кои ги собираат од овие земји, од сета таа датотека – за тоа како оваа автократска машина работи и каде сето тоа води. Тие не се можеби ладни администратори или „зли“ бирократи, но се секако наивни добронамерници кои се однесуваат како „слон во порцелански дуќан“.

Љубомир Д. Фрчкоски

Viewing all articles
Browse latest Browse all 1887

Trending Articles