УЗУНОВ: КАКО ГРУЕВСКИ ГИ КУПУВА ИЗБОРИТЕ
Цитат:
Почитувани, Политичарите не се ценат пред избори, рече Премиерот Никола Груевски, додавајќи дека деновите пред избори не играле улога за граѓаните да формираат мислење за одредени политичари или политички опции. Фалење токму во стилот на владеењето на Груевски. Со факти и аргументи, на оваа прес конференција ќе покажеме дека Груевски едно зборува, а прави сосема друго. Ќе видиме дека, со пари на граѓаните употребени за активности преземани токму пред изборите, владата на Никола Груевски ги купува изборите. Прво: Користење на буџетските трансфери за социјална помош За купување на предвремените парламентарни избори во 2011 и на локалните избори во 2013 година, владата ги искористила буџетските трансфери за социјална помош. Доказ за тоа се податоците кои се претставени на графиконот бр. 1, а се преземени од официјалната веб страница на Министерството за финансии: - Во 2010 и 2012 година немаше избори, па во ниеден месец во тие години нема поголеми отстапувања над просекот на месечните буџетски трансфери за социјална помош; напротив, во месеците непосредно пред следователните избори во наредната година, има отстапувања под просекот; - Во 2011 година кога имаше предвремени парламентарни избори, месечните буџетски издатоци за социјална помош во сите месеци од таа година, во просек, изнесувале околу 390 милиони денари; но, во месецот токму пред одржувањето на изборите – во мај, а изборите беа во јуни – буџетските издатоци за социјална помош изнесувале 891 милиони денари; - Тоа е пораст од 2,3 пати токму во периодот на предизборната кампања! - Значи, токму во предизборниот период, од буџетот биле исплатени над двојно повеќе пари на граѓаните за социјална помош од вообичаеното. - Кај локалните избори во 2013 година, пак, такво големо отстапување се појавува 3 месеци пред одржувањето на изборите; имено, месечниот буџетски издаток за социјална помош во месец декември 2012 година бил речиси двојно поголем од просечниот месечен издаток за социјална помош во истата година. - Тоа јасно укажува на користење на парите на граѓаните за купување на изборите. Бидејќи, многу е логично прашањето: зошто токму во тој месец пред изборите од буџетот биле исплаќани речиси двојно повеќе пари за социјална помош од вообичаеното? Второ: Користење на буџетските трансфери за субвенции и други трансфери За купување на предвремените парламентарни избори во 2011 и на локалните избори во 2013 година, владата ги искористила и буџетските трансфери за субвенции и другите еднократни годишни буџетски трансфери. Доказ за тоа се податоците кои се претставени на графиконот бр. 2, а се преземени од официјалната веб страница на Министерството за финансии: - Во 2012 година немаше избори, па во ниеден месец во тие години нема големи отстапувања од просекот на месечните буџетски трансфери за субвенции и други еднократни буџетски трансфери; односно, и тука има отстапувања под просекот во месеците непосредно пред следователните избори во наредната година; - Но, во 2011 година кога имаше предвремени парламентарни избори, иако месечните буџетски издатоци за субвенции и други еднократни годишни буџетски трансфери во сите месеци, во просек, изнесувале околу 1,700 милиони денари, во месецот пред одржувањето на изборите тие изнесувале 3,734 милиони денари; Тоа е пораст повеќе од двојно токму во периодот на предизборната кампања! - Значи, токму во предизборниот период, од буџетот биле исплатени над двојно повеќе пари за субвенции и други еднократни годишни буџетски трансфери од вообичаеното. - Кај локалните избори во 2013 година таквата ситуацијата е уште подрастична; имено, месечните буџетски издатоци за субвенции и други еднократни годишни буџетски трансфери во сите месеци, во просек, изнесувале околу 1,900 милиони денари, но истите, токму во месецот на одржување на изборите – март 2013 година – изнесувале 4,791 милиони денари; - Тоа е пораст од 2,5 пати токму во времето на предизборната кампања и во месецот на самото изведување на изборите! - Повторно, владата должи одговор на прашањата: (1) дали, меѓу останатото, предизборната кампања на владеачката партија во 2013 година била финансирана со буџетски средства; и (2) дали од буџетски средства биле плаќани и предизборни реклами на одредени медиуми? Имајќи ги во предвид токму овие факти, СДСМ предложи препораки кои од неодамна беа преточени во измени на изборното законодавство. Во делот на „одвојувањето на власта од партијата на власт“ и злоупотребата на буџетски трасфери, пред сè заради спречување на можностите за купување на изборите, новините во Изборниот законик се: - Секој што ќе исплати социјална помош, субвенции, плати, пензии или било какви еднократни или едногодишни трансфери од буџетски средства или од било кои јавни фондови, од распишување на изборите до нивното завршување, ќе одговара со казна затвор од 3 до 5 години. - Сите буџетски исплати во текот на изборниот процес мора да бидат јавно објавувани во посебна база за буџетски трошоци. Сега власта е на потег. Само целосната примена на овој нов изборен закон може да гарантира услови за одржување на фер и демократски избори. Господине Груевски, добрите политичари, навистина, не се ценат само според нивните постапки пред избори. Но сега, со обелоденувањето на овие податоци и факти, граѓаните точно ќе знаат дека тоа не се однесува на вас. Сега ќе имате шанса, со мирно прифаќање на фактот дека ќе ги изгубите изборите кои следат, токму преку пораз но за кој ќе имате алиби дека изборите не сте ги купиле со пари на граѓаните, сепак да покажете дека навистина сте научиле некои од лекциите за добро водење политика за кои зборувате. Да видиме што ќе се случува... |