Quantcast
Channel: Форум Воденица
Viewing all articles
Browse latest Browse all 1887

И тоа го доживеавме - Косово воведе трговско ембарго врз Македонија

$
0
0
Косовското ембарго ги затече сите во Македонија

Владата е изненадена од ембаргото на Косово и повикува тоа да биде поскоро тргнато во функција на двете економии
Завчерашното воведување на трговското ембарго од страна на Косово, земјата со која остваруваме најголема трговска соработка без царински давачки, предизвика забуна кај македонските компании, но и кај Владата. Таа вчера изрази сериозен сомнеж во економска и во правната оправданост на овој потег, особено поради нетранспарентноста од косовска страна. Според Владата, воведувањето на ембаргото е веројатно резултат на условениот увоз на брашно од наша страна.

На веб-страницата на Министерството за економија на Косово, пак, точно е наведено дека одлуката на косовската Влада е одговор на македонската мерка за забранет увоз на брашно до 15 септември и дека е воведена на 2 септември. Необично е што сега се воведува оваа мерка ако се знае дека нашата Влада уште во јули го забрани увозот на пченица и на брашно од сите земји од кои ги увезуваме овие производи. Освен тоа, Македонија од Косово увезува минимални количества на брашно, само 2 отсто од вкупните потреби, а од септември македонската Влада ја повлече мерката за условен увоз на пченица. Оттука е нејасно кои се причините Косово речиси по два месеца да воведе контрамерка за условениот увоз на брашно.

Од Владата вчера соопштија дека забраната за увоз на македонски производи на Косово не е добра мерка и дека се разговара на ниво на институциите за надминување на состојбата.

„Ограничувањето на увозот не е добро за двете соседски земји и за нивните економии, се разговара за надминување на состојбата, но се разгледуваат и други сценарија и сите опции се отворени“, изјави вчера на прес-конференција портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.

Тој додаде дека поради ембаргото економијата на Косово, а пред се' граѓаните, ќе претрпат негативни последици.

Според него, ако се има предвид начинот, постапката, обемот на забраната и отсуството на транспарентни информации за мотивите за забраната, се појавува сериозен сомнеж во нејзината економска и правна оправданост.

„Досега Косово нема реагирано, ниту ни забележал на определени наши одлуки, ниту пак со некои наши постапки државата трпела сериозна штета. Напротив, има добра економска соработка меѓу двете земји“, рече Ѓорѓиев, додавајќи дека институциите на двете земји во текот на завчерашниот и вчерашниот ден се во перманентна комуникација со цел да биде надмината оваа ситуација.

„Владата повикува оваа мерка да биде укината и да биде тргната во функција и на двете економии, на субјектите кои партиципираат и на едната и на другата страна. Во меѓувреме ги разгледуваме и другите сценарија и сите опции се отворени“, изјави Ѓорѓиев.

Од Министерството за економија велат дека немаат никакво официјално известување од косовска страна за причините за ембаргото. А, според информацијата на веб-страницата на владата на Косово, воведена е мерка за забрана на увоз од Македонија на производи врз база на жита, брашно, скроб или млеко, слаткарски производи, тестенини, леб, печива, колачи, бисквити. Потоа, на производи од овошје и од зеленчук или на други делови на растенија, како конзервирано овошје и зеленчук, овошни сокови, пијалаци, алкохоли и оцет, во кои спаѓаат газирани пијалаци, пиво, вино и алкохол. Забрана има и за увоз на тутун и на производи за замена на тутун и цигари.
Од Стопанската комора на Македонија ваквиот потег на Косово го оценуваат како контрапродуктивен за нашите компании кои извезуваат во оваа земја, а најмногу за тутунските и за кондиторските фирми.
„Веќе имаме многу реакции од компании. Апелираме до Владата и до Министерството за економија најитно да најдат решение за проблемот и ембаргото за увоз на брашно да се тргне веднаш, да не се чека 15 септември. Иако е кус рокот во кој ќе трае ембаргото, тоа сепак, лошо ќе се одрази врз македонските извозници кои во Косово пласираат голем процент од своите производи, затоа што може многу лесно да го изгубиме овој пазар. Компаниите од БиХ и од Хрватска можат да го искористат овој вакуум-момент во свој интерес“, вели Васко Ристовски од Здружението на производители на тутун при Комората.
Од фабриката за кондиторски производи „Европа“ од Скопје, велат дека, за среќа, ембаргото се однесува само на еден вид нивни производи кои содржат брашно, на вафлите, а договорени се количества за извоз дури наредната недела.
„Сепак, воопшто, моментот во кој се случува ембаргото е многу лош за кондиторските производители затоа што токму сега, кога заврши летото, е клучниот период за испорака на стоките. А, се' што е денеска изгубено, не може да се врати утре. Поради доцнење на испораката на стоките некои увозници можат да ја прекинат традиционалната соработка со нашите фирми или да ги намалат бараните количества или, пак, бараат од нив да плаќаат пенали“, вели директорката на „Европа“, Савка Димитрова.
Од прилепска „Витаминка“, која е исто така голем извозник во Косово, велат дека нема да го почувствуваат ембаргото затоа што имаат договорени количества за извоз по десетина денови, кога забраната ќе биде укината.

Инаку, Владата во изминатиот период постојано прави напори за интензивирање на економската соработка со Косово. Последен пат кон крајот на јули министерот за економија Ваљон Сараќини во Приштина имаше средба со министрите за економски развој и за финансии, Фадил Исмаили и Бесим Беќај, и со министерот за инфраструктура Фехми Мујота. Двете страни рекоа дека очекуваат зголемување на економската соработка. Освен за изградбата на автопатот Приштина - Блаце, се разговараше за имплементација на македонското законодавство во делот на минерални суровини во Косово и за склучување договор во областа на транспортот, како и за поголема соработка во областа на енергетиката и искористување на големите количини на јаглен кои можат да се извезуваат во Македонија за производство на електрична енергија.
Постојан суфицит во размената
Вкупната размена меѓу Македонија и Косово во 2012 година изнесува 421 милиони долари, од кои 392 милиони отпаѓаат на извоз. Во осумте месеци од годинава, пак, размената изнесува 145 милиони долари, од кои 132 милиони се извоз. Најизвезувани производи се: нафтени деривати, цемент, производи од челик и железо, цигари, лекови, пекарски производи, пијалаци (пиво). Најмногу се увезуваат остатоци од челик, други заварувачки цевки, вода, пластични плочи, битумен и асфалт.
Во 2011 година размената изнесуваше 577 милиони долари од кои 541 беа од извоз на македонски стоки. Во 2010 година трговската размена меѓу Косово и Македонија беше 460 милиони долари, при што извозот изнесуваше 438, додека во 2009 размената беше 325 милиони долари од кои на извозот отпаѓаа 315 милиони долари. Од производите за кои сега е воведено ембаргото нашиот годишен извоз лани изнесуваше 26 милиони долари, од кои 10,2 милиони долари отпаѓаат на слаткарски кондиторски производи, 3,6 милиони на конзервирано овошје и зеленчук, 5,7 милиони на пијалаци и 6,8 милиони на цигари.
Груевски: Преговараме со Приштина
„Мерката што ја презеде Косово е еднострано насочена кон Македонија. Ние во текот на вчерашниот ден се обидуваме преку разговори да ги нормализираме нештата, а доколку во тоа не успееме, можни се сите опции“, изјави вчера премиерот Никола Груевски.
Тој додаде дека мерката што Македонија ја воведе за условен увоз на брашно не е насочена кон една држава, туку кон сите земји членки на ЦЕФТА и е во согласност со нејзината регулатива, за стабилизација на пазарот.
„Косово е единствената земја која реагира на ваков начин, иако мерката не е само кон Косово и ниту една друга земја не реагира како што тоа го прави Косово, без претходна најава. Нашата мерка не е некому да се направи штета, туку да се овозможи стабилизација на пазарот. Ќе биде укината тогаш кога ќе биде постигнато тоа“, рече Груевски.
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=A...A7563C786DE3CA

Viewing all articles
Browse latest Browse all 1887

Latest Images

Trending Articles