Цитат:
Директорот на Државниот архив, Зоран Тодоровски, ќе го тужи академик Блаже Ристовски, бидејќи без дозвола го објавил „Дневникот на Крсте Петков Мисирков“ во своето последно дело – четвртиот том Собрани дела на Мисирков. Во неговата колумна од пред неколку дена, објавена во дневниот весник „Дневник“, Тодоровски го обвини Ристовски дека го препишал новопронајдениот ракопис -Дневникот на Крсте Мисирков од 1913 година, кој Тодоровски го објавил неколку години пред Ристовски. "Присвојувањето, или поточно плагијатот, препишувањето на Дневникот на Kрсте Мисирков од страна на академикот Блаже Ристовски во најновото издание на МАНУ: Мисирков. Собрани дела, IV Дневнички и мемоарски записи (1903-1913-1923), досега е незабележано во историјата на македонската научна јавност. Тоа не е само злоупотреба на авторските права, туку и слика за моралниот лик на академикот. Во IV том од Собраните дела на Мисирков, не само што интегрално е пренесен веќе објавениот Дневник на Kрсте Мисирков во заедничкото издание на Државниот архив на РМ и на Државната агенција „Архиви“ на Република Бугарија, со што грубо се повредени издавачките права на двете институции, туку приредувачот, академик Ристовски, ги вклучил, односно ги препишал сите 210 фусноти (одредници-биографии на личности што се спомнуваат во Дневникот) и 110 белешки (појаснувања), што се исклучиво авторски труд на редакторите на изданието: д-р Зоран Тодоровски и Цочо Билјарски.", пишува Тодоровски во колумната, обвинувајќи го академикот за плагијаторство. За „24 Вести“, првиот човек на Архивот најавил дека испратил и писмо до МАНУ, во кое бара Академијата да се огради и да ја стопира дистрибуцијата на делото на Ристовски, а во спротивно, ќе покрене тужба и против неа. Академикот Ристовски, обвинувањата на Тодоровски ги оценил како небулозни и изјавил дека ќе се потруди проблемот да го реши лично со директорот на Државниот архив. „Дневникот на Мисирков“ беше издаден во 2008-мата како заеднички проект на македонскиот и бугарскиот Архив. Оригиналниот ракопис го сочинуваат речиси 400 страници, напишани на руски литературен јазик во 1913 година во близина на Одеса, каде во тој период живеел и работел Мисирков. Делото крена многу прашина во јавноста бидејќи во него основоположникот на македонскиот јазик и нација, меѓу другото, се потпишувал и како „македонски Бугарин“. |