Quantcast
Channel: Форум Воденица
Viewing all articles
Browse latest Browse all 1887

Опозициски ГАМБИТ

$
0
0
СДСМ најавува дека ќе ги бојкотира претстојните локални избори. Тоа во неколку наврати пред медиумите, пред Штефан Филе и пред други меѓународни претставници и амбасадори, децидно го изјави лидерот на партијата, Бранко Црвенковски, а тоа го повторуваат и останатите лидери на коалициските парнери на СДСМ.

Прашањето кое секој прагматичен човек си го поставува по една ваква консеквентна изјава гласи – дали СДСМ и целата опозиција предводена од него се луди? Дали туку-така на владејачката гарнитура предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе им ги препуштат сите градоначалници, совети, управни и надзорни одбори, јавни претпријатија, локална администрација и слично? Дали без борба ќе му ги отстапат своите локални бастиони како што се Струмица, Карпош, Охрид и Куманово, за кои во изминатите години водеа титанска војна?

Општо уверување е дека познатиот измамник Црвенковски, повторно игра на блеф и дека во последен момент ќе ги активира листите и ќе оди на избори. Дека сегашните протести олицетворени во некакво движење Отпор, всушност ги користи како предизборна кампања за претстојните локални избори. Дека Ацо, Зајко, Циц или Стевчо, ќе му откажат послушност и нема да се откажат од своите градоначалнички функции. Дека ако се бојкотираат локалните избори, СДСМ ќе се фрагментира. Дека останатите коалициски партнери од опозицијата нема да се согласат со таквиот потег и дека Сојузот за иднината ќе се распадне како кула од карти.

Арно ама, изгледа дека работите не стојат баш така.

Ако подлабоко се размисли, бојкотот на претстојните локални избори е исклучително умен потег. Би рекол и перфектен.

За да го покажам тоа ќе се послужам со древната мисловна игра – шахот, а посебно со неговиот најважен тактички дел – отворањето и наметнувањето динамика во играта. Едно од најпознатите такви отворања во шахот се вика ГАМБИТ, што значи дека едната страна нуди жртва (жртвува фигура), со цел да добие темпо (да ја диктира играта). Добиеното темпо може да се изрази на различен начин:

- напад врз кралот;
- освојување на простор;
- материјална предност;
- позициска предност.

Значи, поаѓам од претпоставката дека опозицијата во моментов игра еден мошне ризичен гамбит, односно свесно ги жртвува локалните избори, не само за да издејствува предвремени парламентарни избори, туку и да победи на нив. Ако заклучам дека во моментов опозицијата преку протестите и секојдневните притисоци се бори за ТЕМПО, односно за наметнување сопствена динамика во претстојната политичка разрешница во Македонија, тогаш ќе се обидам секое од овие шаховски фази на гамбитот накусо да ги елаборирам. Одиме по ред:

1. Напад врз кралот
Парламентот е суспендиран, опозициските пратеници насила се исфрлени од него и сите негови одлуки се нелегитимни. Власта е тоталитарна и Груевски е диктатор. Полицијата и медиумите се во функција на негово одржување на власт по секоја цена. Демократијата е силувана и секое слободно мислење е репресирано. Во земјата владее страв и насилство.

Накусо ова е дел од арсеналот со кој опозицијата атакува врз власта, мошне прецизно лоцирајќи ја метата – Груевски, прикажувајќи го како диктатор, тоталитарист, апсолутист, па дури и фашист. На Груевски му се нудат непристојни предлози во форма на ултиматуми (да ги смени своите најблиски соработници) за наводно да се прифатат локалните избори, кои фактички однапред планирано се жртвуваат и свесно во земјата се предизвикува политичка криза. Ваквите напади врз „кралот“, колку и да се изнасилени или преувеличени, мора да бидат константни, континуирани и едногласни, за да достигнат одреден степен на уверливост меѓу што поголем број граѓани.

2. Освојување на простор
Просторот се освојува физички со секојдневни маршеви, собиранки, хајд-паркови или блокади на крстосници, медиумски со отворање што поголем број алтернативни медиуми, дипломатски, со привлекување што поголема поддршка од странски резиденти, но и меѓународни посматрачи, а пред се’, просторот перманентно се освојува во свеста на граѓаните. Содржински (суштински) се лиферуваат едни и исти изјави, заклучоци и пароли, а формално (семиотички) се користат симболи кои се веќе видени и чуени (мелодии и амблеми) на овие простори, што значи дека народот полесно ќе ги апсорбира.

3. Материјална предност
Според мене, ова е најважниот аспект во актуелниот опозициски гамбит. Опозицијата се бори за рејтинг, кој во моментов го нема. Доколку оди на локални избори, повторно ќе изгуби, најверојатно со многу помала разлика отколку пред четири години, што нема да го елиминира фактот дека поразот си е пораз. Приказната за „победничкиот пораз“ по вонредните парламентарни избори во 2011 година, овој пат дефинитивно нема да помине и опозицијата ќе се најде во очајна ситуација. Откажувањето од локалните избори треба да биде главниот меѓник со кој опозицијата треба да докаже и покаже дека не се бори за гола власт, туку за својата кауза. Со тоа ќе го придобие критичниот квантум поддршка и ќе ја стекне неопходната предност, а со помош на засилена кампања (демонстрации, протести и маршови), како и со зајакнат меѓународен притисок, ќе се обиде да ја принуди власта да распише предвремени парламентарни избори.

4. Позициска предност
Најкусо кажано, позициската предност која сега се обидува да ја наметне опозицискиот гамбит, според мене, се состои во неколку фази. Првата, да се стане рамноправен преговарачки партнер со власта за разрешување на политичката криза во земјата (кој веќе е постигнат), втората е да се наметнат сопствените услови, односно правила на игра за разрешување на истата таа криза (кој сеуште не е постигнат) и третата е да се делегитимира власта на вонредни парламентарни избори.

Да заклучам – опозицијата свесно жртвува квалитет (локална власт) за да ја матира власта на вонредни парламентарни избори. Мислам дека се работи за една обмислена и педантно и стручно разработена стратегија, која треба да се реализира во неколку чекори. За мене ова е еден нов момент, дури би рекол и квалитет во досегашната македонска плуралистичка пракса, во која бев навикнат да гледам исклучиво зихерашки потези. Верувам дека и власта ги предвидела овие чекори на опозицијата и дека веројатно и таа планира свој контра-гамбит, како и тоа дека и самата опозиција има подготвено и свои резервни варијанти.

П.С. Се обидов актуелните политички случувања да ги претставам од еден малку поинаков агол и со една малку поинаква проценка за идниот развој на настаните. Очекувам коментари и критики на оваа моја мала аматерска анализа.

Viewing all articles
Browse latest Browse all 1887

Trending Articles