(Ексклузивно) Љубе Бошкоски: Време е на стравот да му кажаме збогум!
![]()
http://a1on.mk/wordpress/archives/282058
...vreme e da se zasramime site...Ljube vo zatvor a chetnicite se tovarat so stanovi i dzhipovi i kazhuvaat kolku ja "sakaat" Makedonija....."ja sakaat" zashto se otruja od pari

Цитат:
А1он дојде до писмо кое Љубе Бошкоски на лист хартија го пишувал во келијата во Идризово, како единствен начин да се обрати на јавноста. Писмото, неговото семејство го доби вчера при последната посета во затворот. Бошкоски отворено зборува за молкот на македонското општество, за Македонија како 1984 од Орвел, за замолчената црква, за прогонот-лустрација, за лажните вмровци, за бегството на младите, за потребата да се менува сегашноста, за обидот да се избрише сета меморија и се да почне од 2006. година, како и одговорот на често поставуваното прашање како заврши екс министерот по судирот со власта. -Ова е време кога многумина, некои искрено, а други од незнаење, а некои и од желба да ја истераат нечистотијата од секој дел на свеста што се нарекува совест да го постават прашањето: Што му требаше ова на Љубе? Целото писмо интегрално го пренесуваме. КАДЕ ОДИ МАКЕДОНИЈА…! Во февруарската ноќ, со рацете како приковани на решетките, чувствувајќи го нивното студенило, загледан во соѕвездието во глувотодоба, исчекувајќи ја месечината, која неколку пати во годината доаѓа во мојата ќелија, носена од траекторијата, а до неа силно светнала ѕвездата – „привилегија“ што ја немав во хашките голготски години (но, ова е мојата земја, ова е моето небо, овде јас се родив, проодев, зачекорив; овде е мојот роден камен, ова е мојата највозљубена Македонија, мојата робинка…) Така загледан во бескрајната небесна шир на окованата наша родина го чувствувам немиот крик на мојот народ, на граѓаните на мојата земја, кои ги поминуваат најдолгите и најтемни политички, зимски ноќи и денови во нашата понова историја… Ова е глуво доба, занемено време, молчеливо… Ова е орвеловото лето Господово 1984-то! А ова е нашата Океанија! Ова е време на контролирано општество, време кога се приватизира се’ што остана неприватизирано. Со божемното едно евро по квадрат, „во интерес на граѓаните“, ја купија-продадоа земјата македонска – грабеж и криминал незапаметени на овие простори. Не им е доволно тоа, па удрија да ни ги приватизираат и умовите! Нашите умови нивна сопственост, за да веруваме само во еден – УМ! ljubeSUD Ова е време кога се казнува човековата мисла! Невиноста на говорот ја прогласуваат за виновна, непријателска, антимакедонска и (врвот на лицемерието) – шпионска! Ова е време кога земјоделците шепотат! Тие не’ хранеле и не’ хранат низ вековите; тие од кои ја научивме уметноста на производството на храна… Сега молчи македонското село, кое беше столбот на македонските победи во сите крволеења за слободата на Македонија, а особено од Илинден, преку Првата и Втората светска војна – хранеше најдобрите македонски синови и ќерки во комитските и другите слободарски чети, одреди, батаљони, бригади… А сега згаснуваат нашите огништа; луѓето пак бегаат во туѓина или помодерно – во странство… Ова е време кога молчат студентите, кога молчи младоста, силата интелектуална распоредена по партиски наместо по студентски форуми. Чекаат да завршат студии и да ја напуштат Македонија! Одлив на умови кои, за жал, се присилени да работат било што за да преживеат, понижени, обесправени, со урнати: индивидуалност и идентитет! Ова е време кога молчат академиците, кога немее МАНУ, оние кои по дефиниција мораат да зборуваат против сите неправди, кои и на нив самите, а и на народот им се случуваат… Ова е време на замолчена Македонска православна црква, која наместо да ги брани борците и поборниците за секоја правда, молкнува пред прогонетите, обесправените, гладните, бездомните, обесчестените… Црквата на нашите предци, која токму за нив знаела да го крене својот глас до небесата, сега го бележи времето кога без режимски „благослов“ да не смее ништо да направи, а во неа да се внимава кој-со кого се ракува, поздравува, се сретнува; кој-чија десница целива; кој што мисли за власта; време во кое од вонцрковни кабинети се уредуваат црковните достојанија; време во кое бледнеат сјајот на вештествата и тонот на камбаните Светиклиментови пред режимските стеги, бидејќи поединци се изместија од зад Крстот и застанаа цврсто зад кршителите на законите и починителите на неправди, зад отстрелите режимски! Простете, ама оваа Црква како да се оттуѓува и од предците и од сегашните верници, на кои се’ повеќе им останува (сокриени во своите прибежишта, наместо во светите храмови) да Го молат Бога да не ги напушти, туку уште посилно да ги заштити за да истраат во ова најтешко (не)време до сега! Ова е време кога е одземена сопствената (нашата совест) и кога не’ присилуваат да ја позајмуваме нивната („совеста“ од ЕДНОУМЦИТЕ), претставувајќи се себе си како морална вертикала, а оние чија совест им ја заробија ги присилуваат да молчат! Ова е време кога се’ што е кажано од властодршците (од законодавната, судската и извршната власт) се издигнува (прогласува) како догма, а слободомислечките луѓе (умови), кои размислуваат поинаку, се прогласуваат за еретици и се носат пред ИНКВИЗИЦИЈАТА! А таа е организирана во формализирани форми! Во првата форма се појавува орвеловата мислечка полиција, во народот позната како тајна. Таа те бележи, жигосува и те прогласува за еретик. Таа, истата, од формално-правен аспект пишува кривична пријава, која експресно (во втората фаза од прогонот), преку ситело-петтоканалоидната и сличните на нив окупирани и киднапирани од мислечката полиција медиуми го започнуваат процесот на прогласување на еретикот! Тоа го прават во еден шизофреничен занес преку главните и „славни“ уредници, на кои, за да изгледа сето тоа дека е формалноправно покриено, им префрлаат милиони на фирма-човек, по системот: милион приходи, милион расходи, салдо – нула! А колку овие медиуми се независни од власта, лесно може да се погледне во завршните сметки, каде што над 50 отсто од целокупните приходи од реклами се од рекламирање на божемно „успешната“ политика на Владата и од Буџетот финансираме институции, што во пракса значи дека Владата фактички е доминантен сопственик на истите. Во третата фаза луѓето кои оствариле дела за Македонија, а сега диктаторски се еретизирани, завршуваат во притворите и затворите и со експресно организираните судски процеси преку за тоа избраните едноумни судии од страна на мислечката полиција, како и преплашени обвинители – верни служители на догмата… Тие ги осудуваат бележаните без исклучок, прогласувајќи ги за виновни! Но, не завршува тука лудилото во земјата Океанија. Сето ова треба да се капитализира, па се сее страв и параноја кај граѓаните! И повторно се појавуваат истите ликови со болнопараноична порака: „И вас може да ве снајде истото“! Но, „уметноста“ на ова совршено злосторство, за да не добие политичка димензија и да не биде прогласено како политички прогон, за кој всушност и зборува јасно и гласно целата Меѓународна заедница, а домашната со шепот само мрмори, ја слушаме трагикомичната (но, со сериозен тон искажана) констатација дека се’ било во рамките на Уставот и законите на Република Македонија! А како би било режимци „наши“ (океанци „наши“) во фашистичкото, сталинистичкото, информбировското време во севернокорејското денес? Нели и кај нив е во согласност со нивниот Устав и со законите? И замислете, народот го силуваат да вели: „Така е!“ Ова е време кога е заробена колективната свест, меморијата; кога се случуваат: културоцид, демографоцид, екоцид и најстрашниот од сите цидови – мемороцид, кога упорно не’ убедуваат дека треба да почнеме да мислиме дека се’ почнало од 2006-та година, за да не можеме да се прашуваме каде е нашата историја, традиција, култура, името…за да тие, преку изнајмените и прочистени, духовно испрани квазинаучници, квазиисторичари и слични на нив трагикомични фигуретки; почнуваат да пишуваат нова историја, да бришат содржини од славната и бурна македонска историја и измислуваат нови факти; значајни личности и настани правејќи ги од пред 2000 години, а оние од пред еден век и слични на нив ги поистоветуваат со себе си со цел се’ што е позитивно и славно да им се припише само ним, како и да се прикаже се прикаже дека една трагична политичка фигура е симбиоза на сите нив, односно на сета македонска слава. Ова за да биде комплетирана личноста од Орвеловата Океанија. Ова е време кога некои од оние таканаречени лустратори, всушност, самите се за лустрација. Но, тие се „најдобрите“ заробеници и извршители на волјата на мислечката полиција и не им е проблем во оваа политичка пресметка да ги жртвуваат и оние со кои се гордее Македонија и ги слави македонскиот народ, а заради нивната космичка димензија ги слават и други народи, ги преведуваат нивните дела, се изложуваат и ги има во многу светски метрополи… Лустрирајќи ги гигантите на нашето време ****** , но бесмртни не во религиозна смисла на зборот, туку во паметењето на генерациите. Се дрзнуваат и сите тие кои се на маргините на општеството да ги етикетираат овие луѓе, овие великани со погрдното – кодоши! Па, види лицемерие: …и пак во согласност со Уставот и законите, но најголем дел од нив, одамна и без нив и со нив го обезбедиле своето место во македонскиот пантеон. Ова им е една од алатките за замолкнување! ljubeUniforma Ова е време кога многумина, некои искрено, а други од незнаење, а некои и од желба да ја истераат нечистотијата од секој дел на свеста што се нарекува совест да го постават прашањето: Што му требаше ова на Љубе? Се врати како победник од Хаг; ја донесе победата за Македонија, ги оствари победите во Татковинската војна од 2001 година… Да беше со него, со власта, ќе имаше се’! Да, но тоа не можевме да бидеме ние… Но, се прашуваме ли зошто му требаше на Коперник, на Галилео Галилеј, на реформаторот Мартин Лутер, на борците за човекови права Мартин Лутер Кинг, Нелсон Мендела и на стотици и стотици слободомислечки умови, кои го променија (го напреднаа) човештвото. А сите тие можеа да живеат мирно и молчеливо, но никој од нив не го разбирал животот во неговата неизбежна, смртна завршница. Напротив! Тие постоеја за да остават вистински белег, жиг на едно време… Затоа ние избравме слобода. За неа борбата е секојдневна и вечна. Продолжуваме со нескршливиот дух, како што ќе рече еден од возобновителите на ВМРО преку ВМРО-ДПМНЕ, Гоце Гојко Јаковлевски: „Суштината на нашата идеја, вредностите за кои се боревме и бориме е слободата за Македонија.“ Оваа не е таа Македонија. Затоа, на оние кои искрено жалат им порачувам: Не жалете, јас жалам! Затоа што повозвишена е од се’ овоземно вечната наша Македонија! Ова е време кога илјадници вмровци, заморени од долгите исчекувања и измачувања со фрази за подобро утре! А тие искрено ја предадоа својата идеологија на лажните бескрупулозни ветувачи на посреќна иднина! Зарем вреди, браќа и сестри мои вмровци, минливиот живот да биде заложник на вакво нечовечно владеење? Ја паметите ли браќа и сестри мои паролата кога далеку од нас беше власта, а така силна ВМРО-вска идеја, која ја изговаравме гласно и без страв: СЛОБОДА ИЛИ СМРТ! Неа денес повторно ја реафирмиравме, бидејќи никогаш не била поактуелна отколку денес. Ова е време на апсурди.. Ги присилуваат членовите надвор од реалната состојба на среќа јавно да зборуваат и извикуваат дека се среќни од режимот; среќни со ограничена слобода; кога моите вмровци се само предизборен декор, број, потпис, статисти кои ќе ракопјескаат и извикуваат имиња на некои кои немаат ништо допирно со ВМРО-ДПМНЕ, кое ние го создадовме, а тие го наследија и го злоупотребија. Ова е време кога моите сестри и браќа, мојот народ, живеат во надеж за подобро утре, а ова денес им бега од пред очите и се оддалечува од нив, понижувајќи ги без право на друга вистина надвор од онаа понудената од илузионистите со чудни брадички, заостанати, заборавени и отпишани од третиот ешалон СДСМ, кој мудро го презема брендот на ВМРО со божемната од нив ширена идеологија. А во нивните редови идеолог до идеолог…! Браќа по ветувања и заборав на илјадници нови вработувања во земјоделството, индустријата… А како доказ дека е тоа вистина, ги носат белосветските измамници, нудејќи ги организираните измами како вистина! Цинизам! Врв на лицемерието е нивното ветување за постоење на многу тајни проекти, тајни инвеститори и се’ како што наликува на тајната полиција! А инвеститорите, демек, само што не дошле! И така години наназад илузијата им е основа и база за истоимениот слоган: „Избери дела, а ние сме тука и се’ ќе исполниме!“ Демагогија која не’ оддалечува од темелната вмровска идеологија. Ова е време во кое се прашуваме каде е заборавено македонското национално единство; каде е нашата демохристијанска ориентација; каде е нашата борба за човековите права и слободи; каде е нашето име; територијата…со што ќе ги чуваме? Со фрази и политички дилетантизам?! Велиме дека не го даваме светото име Македонија. Но, во сите ваши говори, без исклучок, се борите да ви го признаат името БЈРМ – привремената референца, повикувајќи се на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг. За да биде апсурдот уште поголем, станува збор за истото име за кое вие сега се борите, а обвинувате влади од пред 20 години! Никако да ве разбереме: ниту членството на ВМРО-ДПМНЕ, ниту други граѓаните на оваа држава! Во тие „силни патриотски“ пароли, еден ден велите дека ќе преговарате за името, па како некој нехармонизиран оркестар – едни ќе кажуваат едно, други друго, а во суштина, ве прашува народот: Како можете да преговарате за името и да имаме акредитирани преговарачи – да убедувате дека на преговорите за името не сте разговарале за истото… А до кога со манипулирањето? ljubePrecek Ве слушаме во налетот на „патриотизам“ кога со еден здив сакате да ја покажете „неколебливоста“, па ќе кажете: „Не го даваме името, па ќе премолчите дека давате амнестии спротивно на сите меѓународни норми и акти. Ќе се занесете во тој квазипатриотизам, па ќе кажете „јасно“ и „остро“ дека сте против територијална поделба, (како и за името…), но дека ви ги оставил некој друг! Па, ќе забошотите дека ги дадовте Тетово, Гостивар, Кичево, Струга и Дебар, премолчувајќи го оцртувањето на нова граница на македонската земја – вие кои сте подготвени да го менувате Уставот за истополни бракови, а од друга страна губите легитимно македонска територија! Затоа, замолчете пред да ве замолчат од вас заврзаните, иако според Достоевски, е нераскинлива врската на оној што го врзал и врзаниот! Ова е време кога злоупотребувачите на ВМРО и на вмровската идеологија прават разни спотови и во нив кажуваат да се раѓаат деца (иако повеќето од народот живее во беда), дека се борат за младите, а секојдневно се затвораат фирмите на стечајците, домовите чии наследници се младите, бидејќи тие заминуваат далеку од Македонија, во странство, напуштајќи ги сопствената татковина и прадедовските огништа за сува корка леб! Но, има Македонија вредни и талентирани деца (на министри, пратеници и други привилегирани политиканти) кои „мачно’ работат во странство, „мачно“ заработувајќи и инвестирајќи во станови според само на режимот познатата парола (премолчена во принцип): „Стан за секое дете на функционер“! И пак се прашуваме: Имате ли право секојдневно да го газите ВМРО, а да не одговарате за предавството на најсветата идеологија? Ова е време кога никој од возобновителите на ВМРО, односно основачите и современите идеолози на ВМРО-ДПМНЕ, ниту Гојко Гоце Јаковлевски, ниту првиот лидер Љубчо Георгиевски и плејада создатели на современото ВМРО не можат да го препознаат ВМРО-ДПМНЕ! Но, затоа, пак, денес само оние кои го материјализираа ВМРО го разбираат, меѓутоа само како начин за брзо богатење! Ова е време на избори. Заплашувањата почнуваат. Врвот на лицемерието е на дело! Се донесуваат закони (Изборен закон) и други акти, кои не се однесуваат за нив, туку за сите други! Ако сакате, дури и Изборниот закон од 2011 година е изменет за други а не за себе! Дали Законот, како и се’ друго за вас е само хартија за повеќенаменска употреба? Но, затоа овие измамници ќе продолжат со измачувањето, со ветувањето, со малтретирањето да бараат нови пет-десет гласачи од секој поединец од јавната администрација, од јавни претпријатија итн., кршејќи ги сите човечки принципи и вредности – типично за еден режим, кој не гледа во пустошот оставен зад себе (наместо во обединителна мисија), делејќи го народот по сите можни основи на „патриоти“ и предавници (поинаку мислечките), при што од напред се знаат и едните и другите! И наместо демохристијанската, народната профилација која потврдивме на Конгресот во 1995 година во Кичево, за да бидеме дел од демохристијанското семејство во светот, формалноправно е постигнато, но фактички наместо верта во Бога, во христијанството вие на вашиот фамилијарен борд од петмина едногласно го избравте митолошкиот бог Мамон за свој (богот на парите и задоволствата) и станавте мамонисти на новото време. Ова е време кога мора да се избориме и да ја вратиме заборавената од нив идеологија на оние на кои вистински им припаѓа, кои покажаа и докажаа дека се подготвени да се жртвуваат себе си за вистинската Македонија! Браќа и сестри! Граѓани на Македонија! Силно извикуваме: ВРЕМЕ Е…! …да ја кренеме главата гордо и високо; да ги оставиме нив во нивниот имагинарен свет; да го кренеме гласот и да не запреме! Време е да го напуштиме наметнатиот од нив страв со максима дека „Молчењето е „богатство“! Но, се прашуваме: Колку ли само ќе беше богата Македонија која осум години молчи? Ако беше молчењето богатство или злато, нашата татковина ќе беше поплочена со овој благороден метал! А каде е денес Македонија? Време е да ја разбереме оставената ни порака од мачениците и борците за слобода низ долгата, тешка, мачна и славна историја. Затоа што секогаш е високо ценета слободата, допирот со неа со генерации пред нас, до нас и по нас, допирот со неа бил и ќе биде посилен од животот! Неизвојуваната слобода сите ние заедно, но и поединечно, ќе ја доживееме како најголем интимен пораз! Да не го допуштиме тоа! Време е да ја разбереме слободата во нејзиниот судир на мислења, различни ставови, слободумни и неограничени, за да ја допреме демократијата, да се избориме за човековите, пред се’, индивидуалните права, за да не бидат нивните слободи ограничени и за да не бидат веќе претворани во послушни рободи! Време е да ги искинеме синџирите на ропството, со кои е заврзана (испреплеткана) Македонија! Време е да го вратиме загрозениот човечки идентитет за да ја сочуваме македонската национална, културна и каква и да е друга самобитност… Време е да се бориме до последниот збор за зборот, како што пишува во Стариот Завет: …на почетокот беше зборот! Да не занемуваме пред догмите режимски! Време е, навистина крајно време е да ги растајниме сите тајни за злоделата кои ги направија против граѓаните, против вистинските вмровци, показувајќи ја светоста на ВМРО; да растајниме се’ што ја протона Македонија и вистината да ги замени лагата, а демократијата – инквизицијата! И вас ве повикувам, браќа и сестри мои, да застанеме гордо и достоинствено и да погледнеме во небесната шир од оној широк замрачен простор, ограден и изолиран, за на крајот од денот, кога ќе се погледнеме и сфатиме дека залудно минал ден, онака рациновски ќе се прашаме: денови ли се денови…? Тогаш самите ќе ја сфатиме оваа наша реална и сурова вистина! Кога ќе разбереме дека сега целата политичка филозофија се темели врз денешниве владетели, кои паѓаат пред направеното и од владетелите пред нив, без срам и перде продолжуваат без да се прашаат што, всушност, направиле и продолжуваат да прават, ќе ни бегаат годините од пред нашиот поглед. Затоа, мораме да понудиме решение денес, да покажеме подготвеност да го извлечеме народот од овој тонлив брод, да се пробудиме од сонот, нудејќи поинаква, посакувана од народот Македонија. Време е да ја почувствуваме митската топлина на Македонското Сонце, кое не’ прави во се’ поинакви од другите…и конечно ќе ги згрее смрзнатите души во оваа најстрачна политичка зима македонска, за конечно да дојде пролетта политичка, демократијата, подобриотб живот во сите сегменти на нашето живеење. Да извикаме трипати УРА за Македонија, кажувајќи и’ збогум на Орвеловата 1984-та и на неговата Океанија, која ќе ги потоне овие наметнати, неприродни идеологии и иделопоклонства неприродни, несвојствени и нетипични – заскитани овде, во нашава единствена, вечна и бесмртна Македонија. Февруари 2014 Затвор „Идризово“, Вашиот Брат Љубе Бошкоски |
...vreme e da se zasramime site...Ljube vo zatvor a chetnicite se tovarat so stanovi i dzhipovi i kazhuvaat kolku ja "sakaat" Makedonija....."ja sakaat" zashto se otruja od pari