Quantcast
Channel: Форум Воденица
Viewing all articles
Browse latest Browse all 1887

ЗБОРОТ ВО ТЕСЕН ЧЕВЕЛ од Вероника Костадинова

$
0
0
ЗА АВТОРОТ

Вероника Костадинова е родена на 8.9.1974 година во Кавадарци. Има издадено четири збирки поезија: „Љубов каде си“ (1997), „Малку поинаку“ (2002), „Полиглот на тишината“ (2007) и последната „Зборот во тесен чевел“ (2012). Има учествувано на повеќе поетски настани и добиено награди за поезијата на неколку конкурси. Живее и работи во Кавадарци.










СЕГА И ТУКА

Не прави големи планови.
Времево е тесно,
нема да ги собере.
И те молам,
не памети долго.
Минатото ќе ја истисне иднината
од садот денешен.
Не сакаме нето разочарувања.
Ќе прошетаме голи
како Архимед.
Без да ги растураме круговите.
Ова е време на
четириаголни чинии
и стаклени фотографии.
Може да се живее и во usb.
Ајде да провоцираме
временски натрапници
кои ги покриваат гениталиите
на уметничките скулптури.


ТАКА УМИРА ВРЕМЕТО

Постои едно парче
од небото
што потајум
го сониш
и еден скришен знак
што те тера
да се вратиш
во она
што преостанува
со последниот чекор
на видикот.

Така умира времето
во навиката да легнеш
до недоречените мудрости
кога гаснежот
на сонцето се раѓа
во секојдневната средба
со минатото.

Пијан или луд
седнуваш сам
во скутот на молкот
телото го љубат
уморни ветрови.

И баш ми е гајле
што некој
случаен гледач
го изел патот на тишината.

Само немој да мислиш
дека мртвите љубовници
спијат во успиените билки.

Така умира времето
точно во едно попладне
кога тагуваат ведите
од ритуалната дивина
на гладните ѕверки.

Си замислувам
ѕвездени метафори
а вие мислите
поглед е
што не личи
на ниедно време.

Таков неред
има само во буквите
кога ќе се открие вистината
дека се’ што сме рекле
е стапица
на лажни деминутиви.

Така умира времето
далеку од говорот
на неосознаените љубови.

А мислев гласот ми е нечуен
а животот рима...


ПИЕЈЌИ ЧАЈ СО ЕСЕНИН

Во студенилото
го грееме зборот
што го ископавме
од коренот
на еден надојден спомен.

Играме со смртта
на наивното детство
и капката сонце
што останала
во оваа
последна капка чај.

Го крадеме космосот
низ расфрлените стихови
што те напушти
низ триесет лета
и се’ е како некоја
лажна бајка.

Пишано е
да се вратиш
низ страшниот крик
на туѓите облици
надвор од животот
и мртвото време.

Така ќе се стиши
и заборавот
на осамената душа
негде
со заспивањето
на проколнатите книги.

Бегаме од мракот
како скитници
надоени од една мисла
што не мами
да починеме
сред пољаната
кај што деноноќно
ја слушаш
магијата
на морничавиот молк.

Тука го галиш шепотот
на скриената земја
меѓу Рјазанските полиња
принесуваш храна
за болната песна
што ќе ја облечат ѕвездите
да се доискачат
низ стрмната смрт
со отворени усни.

Пред нас е само куќата што
му припаѓа на болот
и оваа чудна тишина
изречена во голтката чај
со последниот поглед
на одминатиот миг
да се биде време...


ОТАДЕ ВРЕМЕТО

Не знам дали умеам
да ја избројам
секоја трага
што е потребна
да го украде окото
пред да почнам
да ти го нудам гревот
на раѓањето
на лудите патувања
назад
со молкот
на молитвата
да те покријам
со мирисот
на некоја глува доба
во претскажувањето
на еден
заборавен поет

И не знаеш дали некој
те гони
барајќи сила
да го изедначи
другиот свет
помеѓу времето
што се размножува
со далечината
од кај што ги минавме
сите мостови
на малиот простор.

Можеби местото
ти е сред ниедно време
да го пребараш
зрното светлина
што доаѓа
од пустината
исцртувајќи го кругот
со грст празнини.

Па нели
и оној дел во тебе
е небесно место
сосема мирно
да ја распламтиш птицата
да се распрска
во шините
на светиот искон.

Тогаш ништо
нема да биде сеедно,
тогаш, и без причина
ќе го менуваш огништето
на својата судбина...


КАКО (НЕ)СТИГНАВ ДО КИЛИМАНЏАРО

Кога ми здосади утрото
од секојдневното
безделничење
посегнав по сладоста
на недостижните тајни.

Лутав низ бурата
на животните ветрови
и не ретко
пловев со Ноевиот кораб.

Со нишанот на сонцето
го убив соколот
во една попладневна прошетка
само да ги казнам
летачките чуда
кои ме фрустрираа
да ја откријам трагата
на небесната мапа.

Пијалок за освежување
- ме разбуди дечкото
од мотел “Балкан“
небаре ќе ме смири
со присуство
од 58 секунди
-Причекај на мојата маса
да го фатам возот
кој зариваше
како турбо-фолк пејач

Седнав до прозорецот
и ги броев сите ветерници
до кај достигаше
моето соколово око
Јас, ќерка на магионичар
решив да ги допрам
снеговите на Килиманџаро

За починка
одбрав
минатонесвршено време
и едни пати ги броев
дури и стапалата
до врвот на сонот

И во овјо миг
барам еден обичен збор...
Аха, како да се изразам
од пуста мрза
посакав Килиманџаро
да биде моја мека постела
на соседниот рид...


ОБИЧНА ПЕСНА
(за сиромавиот човек)

Се’ испомешале
и буквите и мислите
зборот повеќе
нема намера
да ги љуби
ронките
од ситната душа

Жедни се и
полетни хартии
за трошка ум
да раскажеш
за матните соништа
што некогаш
мачно созревале
во лавиринтот
на твоето срамно срце

Зар ништото
го уништило
нештото во тебе
пред очите
на привидот
ти си случаен патник
низ пустите желби
да ја поделиш
правта на заборавот

Само избери си пат
кој ќе ги преживее
бедните граници
на челичниот оклоп,
Во темната нигдина
една беззначајна река
ќе го удави небото
што го носиш
како разбојник
без ниеден куршум

Но, ти ја ловиш
сопствената трага
преобразен во студено гнездо
и си поигруваш
со предолгите лета
бодејќи го огнот
во занесот
на полудените страсти

Другото е толку
неважно
играта на злото
глупавото магливо утро
недопреното време...

Се’ додека
глумиш Бог
во својата пештера...


КАТАРЗА
(на Диоген)

Те пронајдов
под светлината
накиснат од денот
таму кај што
тишината шепотеше
од екот
на бесцелното трагање

Колку бил сиромашен Бог
кога без трунка совест
престанал
да ги брои
сопствените сенки

Потоа се прашував
дали те видов
во грешните дни
кога денот
ги нагризуваше
мислите
а сончевите беседи
го газеа мракот
на душата

Гневот беше
зачнат стих
од изворот
на болната празнина

Скришум стапалата
го демнеа
безгласниот круг
на свежите коски
офкајки врз блудот
на сопствениот збор

Го слушаш ли
крикот на небесниот глад
што умира
во утробата
на мрачните книги
Опипливиот космос
што се коти
од пепелот
на јаловиот плод

Нашите богови
ни ветиле
безделничен живот
подла љубов
истрошена
во прегработ
на загубениот сон

Под меките
Атински постели
ја толкувам
лудата магија
на твоите
измислени чуда

Само гушни го ништото
пред да влезеш
во себеси
така и ке го
погледнеш
изгниеното тело
и оваа
темна музика
на премудрите слова

Тогаш и ова
секавање
ке биде празнина
што ке исчезне
со новото раѓање
на смртта...


ДЕНОТ КОГА СТАНАВ ПОЕТ

Денот кога станав поет
си замислив
една безимена книга
трошејќи го срцето
меѓу сонот и јавето
Го оставив лебот на масата
и почнав да стареам
надвор од времето

Некој одеше на работа
други чекаа
подобар свет
а јас ги жалев
и едните и другите

Ги познавав сите соништа
и едвај чекав да си дремнам
до себе си

Ех, како беше чудесен
босиот допир
на палавите сенки
првото парче небо
кокетниот поглед
на бесмртните нешта

Та мислев само
како да ја шмукнам
прешината
од калливата земја

Само Господ знае
каква мака е
кога не личиш
на ниедно време
па го преполовуваш
огнот за сите часови
кога молчиш зад себе

И не знам зошто во главата
ми доаѓаше поезијата на Тагоре
одново и одново
се топев на оние негови:
мила, драга, љубов моја...

Боже колку посакував
тој, градинарот
да ги обере
напупените пупки
на мојот грев

Верувај ми
ги засакав сите интриги
на моето тело
и замислував
како да влезам во бунарот
на небесните вистини
да ги бакнам трипати
смалените очи

И за атер на љубовта
се родив, жими Бога
да се надраснам себеси
и онаму
каде што ме нема...


КАКО ДА НЕ ГО СПОМЕНЕШ МИНАТОТО

Кога ќе ја снема
приказната
на лажната трпеза
еден ден ќе се сетиш
за твојата оддалеченост
од краткиот пат

И така ќе си трчкараш
малку кон Господа
за да научиш
дека утре
ќе бидеш попаметен
од еден начитан Пушкин

Во едно Господово утро
кога
овој свет
безмилосно ќе те лиши
од својата глава
ќе си спомниш
за огледалото
кога гордо
се огледуваш
во бавната смрт

Ти, не плаши се...

Но, не дозволувај
ко кој час
заличе на самиот себеси
за да бидеш или не
Шекспир
на модерното доба
нежен во туѓите животи
обожуван од мојата
омилена муза

Ух, колку е тешко
кога измислувам лаги
кога злобно
го довикувам Катул
да ја опее омразата
за мојот род
како ли ќе ја пуштам
нечујната река
во една песна
со овој огладнет збор

Не би сакал да веруваш
во еден залуден романтизам

Или, би сакал или не
да бидам Јулија
на еден заљубен тип
кој бадијала
ќе ја убие
рајската љубов

И сега си мислиш
дека ќе си го спомнам минатото
како истоимениов наслов

Си погрешил !!!

Јас сум само човек
од триесет и кусур лета
не живеам на половина век
не гледам скептично
на кажаните лаги
мечтаам за цивилизирана душа
чекам пролет, лето и лето
трошка ќејф
во мојот стомак
и по малку романтика
како дневна доза леб...


БАЛАДА ЗА ЕДНА ПОЕТСКА НОЌ

Размислувам
за множествата
на лесните ноќи
сто вражаат
во заспиениот простор
на заточените мечти
р’тат матни облици
на отфрлени мисли
бедни ноќи заспиваат
во далечните песни

Одиш и си мислиш
како да ги симнеш
досадните капки дожд
што ли лижат ѕидовите
на твојата душа
го бришеш гневот
со стапките
на задоцнетата
рамнодушност
и скришум се потпираш
на коленици
само колку
да ја испогазиш
уморната возбуда
што лебди
со штотуку
нараснатиот ден...

И ете ме пак
со зачнатиот
сопствен стих
го гледам
чудниот патоказ
што по милион пати
ме води
во подбивен разговор
со уморните мисли
доволно е само
да го сочувам
дрскиот јазик
да го притиснам зборот
да замолкне
и во оваа претстава
на дволична игра

Сега демек
пишувам поезија
со циничен триумф
и замсилувам заности зборови
од оловни мисли
и се’ си мислиш
дека си на врвот
на една
истрошена историја
на безброј
осквернавени ноќи
притоа внимателно
го посипуваш мигот
со прошарани тајни
само колку
да го препознаеш
почетокот
на многуте лета...


ПАТ

Во ниедно време
ја загубив тишината
во ова тело
што ме надитри
да ги сокријам трагите
во осамената ограда
на пијаниот живот
и по жица тетераво
демнејќи го ветрот
одбрав пустина
во секоја педа
од посланата постела
на небесните метафори

Таму го опишувам
секој невиден сон
и секој нечуен глас
кога сенката
заспива
под пустите растојанија
на гладните празнини
и зборовите од мракот
стануваат дојденци
пред нацртаниот прозорец
на божемниот храм

И молчам...
Велат дека
и првиот светлосен
пород е молк
а патот
огромен сон
што те прогонува
низ чудното проклетство
на сопствената душа

И се’ така во недоглед
ќе се мамиш себеси
ќе налеваш туѓа вода
во својот бунар
само за да ја втасаш
брзината
на завршеното време
што те гази
и кога почнуваш
да го распознаваш
дишењето
на различните света

Тогаш го симнуваш
чудниот израз
од дволичното лице
само колку
да го препознаеш
патот
што ќе го загубиш
во истиот миг...


РАЃАЊЕ НА ВЕЧНОСТА

Буричкам во утробата
на сопствената пепел
во непрекинатите алки
на отпретаниот сон
кај што се дават
другите светови
на можната вселена
Ме плискаат
бесни мориња
и разулавени неба

Време кое се множи
низ непознатата врата
на обликуваната светлост

Неточни моменти
го држат здивот
на Божјиот искон
во леглото на раштрканиот зенит
мислиш предолго
е отворен кругот
на ова јагленосано сонце
родено во коритото
на древниот оган

И овој чуден тропот
што се меша
со изморениот говор
на светите води
е само здодевно
оплакување
за една блажена празнина
што во секој миг
го слави скудниот изгрев
на четирите света

Во таа безбројка
на досадни патувања
некој непрестано
го изместува
ветеното враќање
на можниот човек...


ПОЕТОТ И МАГЛАТА

Понекогаш
се затекнувам себеси
како размислувам
дали лудоста
е во мојата тишина

Има и денови
кога замислувам
дека тишината
си игра
со милионското движење
на моите усни

Или...сум се нашла
во таква состојба
да ја преселам душата
во лесната чадовина
на морничавата магла

Можеби тоа
има некоја врска
со смртта
на течните запирки
што не преживеале
во умните солзи
на болното небо

И Емили Дикинсон
замолча
од белата виулица
на лесниот облак

Let us go in
the fog is rising
(ајде да влеземе,
маглата се подига...)

Тогаш имаш чувство
како да се распарчува душата
долж патиштата
кај што чекаш
асоцијативната мисла
да се раздроби
на илјадници букви

И колку повеке
ја толкуваш
теоријата на Ајнштајн
толку повеке
времето те претвора
во празна маса
која е еднаква на енергијата
што ја вложуваш
во сопствената војна со себеси

Ко воин без пофалба
доаѓаш до сознание
дека си жртва
на имплицитната меморија
без да го припитомиш
окото во матниот поглед
на огледалото...


СОНОТ НА ТУЃИНЕЦОТ

Се нишаш
во немирната галија
и мекиот сон
на излеаните ѕвезди
низ благите струни
на истраеното море
во оваа пустина
што го превртува
погледот
на реалната мапа
го сокриваш мракот
во празнината
на вечниот спокој
а околу душата
ветер пустински
го размножува
бигорот
на нерзбранетите води

Само ќе го разнишам
немирот
на доползаниот оган
во тишината
на незвршените дни
ќе ја испијам вечноста
под небесниот балкон
простум
ќе те сокријам
во отсуството
на лажните збора
што севезден
го допираат
коренот
на измореното лице
при крајот
на едно
неспокојно мирување
што се судрува
со осамениот спомен

И нека тогаш
бескрајот не’ однесе
по патот
по кој прерано
го засадивме сонот
во одразот
на напукнатото огледало
горделиво
го видов
постоењето
на своите замисли
одронати
од брзоодицата
на самотниот ден...


ЉУБОВ

Обгрнати гранки
под каменот
на златната
полумесечина
што го рагјаат
семето
од ист цвет

Бeше тоа
небесна градина
кај што
се ложат
благите билки
со сијамски здив
закопани
во една
претопла земја...


ПОЕТОТ И РОЗАТА

Спиеш
како мало дете
во тишината
на моите спомени
во сонот
на една звезда
што патува
во твојата мисла
во една
девствена година
кога почвата
ги надживеа
сите бразди
и длабоки оранја
од коренот
на едно
осамено семе
нокеска се испили
залутана роза
и којзнае
колку пати
ке ја исцеди
горчината
кога жали
што умираш
со секој
заталкан збор...


БЕГСТВО

Во лажната градина
на тажните ноти
измамен допир
покорно се преселува
во недопрените мисли

Сакав само да поиграм
со заспаните ѕвезди
во ниедно време
да го галам стихот
од утробата нејна
да го разнесам трепетот
на разнишаните води
што се грчи
со блудниот порив
на здивените звуци

Но, ти постоиш
само во бледите синкопи
и плитките зборови
меѓу испишаната
поезија што допрва
ќе дувне
со вашата музика
на оргулите

Милував
само да ги допрам
рабовите на
сронатите возбуди
во вечерните бдеења
уште копнеам
за отворено бекство
во невидливиот свод
на геолошките епохи

И... изнајдов ли
љубовна дремка
во дивината
на преплавените гласови

Во ветерното затишје
и изморениот лелек
на измислената судбина
само загадочни разговори
додека светот молчи...

Додека светот молчи
зашеметен од далечините
и секнатите пејсажи
што ќе потраат
само додека зјаам
пред мамурното утро
допирајќи ја
сопствената сенка
со последниот поглед
на исчезнатата вечност...


МОЛИТВА

Поднаѕрев
во сокриените места
на душата
и завршеното бдеење
на неизговорените збора
во вишините на тишината
и молчеливите спомени
што се задвижуваат
во храмот на моето тело
меѓу бесмислените погледи
што подзатреперуваат
пред изгревот и залезот
на обновениот свет

Залутана во
долгите спокојства
го појам нанижаното време
што растресено
се провлекува
со светлината
на моето лице
а надвор во занес
пламнува здивот
на празното небо
тивко се огледува
потиснатата песна
истура сеќавањето
на притаените мисли
треперат усните
со складниот крик на грлото
се допираат прашините
со земјата и мракот
кружат соѕвездијата
во тајните на молкот
се измешале ветерниците
со привидот на ветровите

Препознавам
чудни пловидби
и непознати предели
примамливи игри
над нечии утроби
испишани дланки
и прекинати блаженства
небесни огнови
распнати во
изморените солзи
во ракава Божји дождови
недоречени мудрости
во твојот и мојот свет...


СУДБИНА

Понекогаш без причина
го убиваш ветерот
што се поигрува
со другиот дел на денот

Го будиш незборот
за инает
на својата сиромаштија

Тоа е идеален начин
да се ослободиш
од старите болести

Ти си само празнина
загледана
во прашината
на оголеното време

И ова јаве
спие
во нечија приказна
на измислени моменти

Се се зачнува од празнина
и бесконечен шепот
на туѓиот патник

И нема вистински сон
освен оној
кога мислиш
дека си луд
да ја разбереш
причината
за вчерашното утро

А мене
баш ми е гајле
за минатите утра
и што сум виновна
кога открив
дека утре се родив
во минатата зора

И дури се сеќавам
на гласот
кога плачејки
го молев небото
да ме одведе
некаде поблиску
до себеси
само така
ке бидам сигурна
дека се’ што ке биде
било за да биде

Ама штета
што сум скептик

Та не оти
не верувам
во измислени чуда
туку прочитав негде
дека скептиците
имаат најдолг животен век...


ПОЕТОТ ШТО ГО ЉУБЕШЕ МРАКОТ

Што вреди
ако не си го
ограбиш срцето
и не го подариш
на својата несоница

Понекогаш животот
е само обид
да пристигнеш
до себеси

Роди го зборот
пред заспивање
додека се преправам
дека ветерот
те пратил...


ПЕСНАТА ШТО ГО БАРАШЕ ПОЕТОТ

Се започна
кога огнот се искачи
до невиното лице
што заспало
под трепките
меѓу две неба

Оваа планина
е распната
од питоми мисли
и секоја сенка
е птица крилатица
што плаче
со отворени очи...


ЗА ЗАБЛУДИТЕ

Заблудите се
како надежта
милозливи
и бајковити
и што ако цел живот
живееш во милозлив
и бајковит свет

Колку е
неповторливо
чувството
кога ке ја трампаш
душата
со заблуда...


ЕДНА ОБИЧНА ЗАБЛУДА, ИЛИ МОЖЕБИ НЕ...

Ако еднаш
извлечеш поука
од она што го мислиш
тогаш треба
да се вразумиш
дека тоа што го мислиш
е доказ
дека ништо не мислиш
Залудно си го
исполнуваш времето
со лажни изобилства
на мудри изреки
а всушност
ти си слепец
кој го чита ова
што и јас не го мислам
Е Јулијано,Јулијано
зар и оваа поема
е игра
во која додворувачите
ке сфатат дека
нивните бајати мисли
се поздодевни
од самите себеси ...


КОГА ПРАЗНИНАТА СИ ПОИГРУВА СО ТЕБЕ

Се чудам некогаш
зошто мислата
се собира во атом
потоа лета
во густа темница
седејќи сама
со денови и векови
тогаш ги прескокнуваш
сите можности
да зборуваш
на својот јазик

И Бог е сиромашен
чим те пуштил слеп
да врвориш
низ празниот фронт

Утешно е што си сенка
која го дели времето
на туѓо и минато
ти си бездомник
што не би се осмелил
да умре
во сопственото тело

Поетот тоа би го нарекол
секната љубов
и почнува да напластува
измислени зборови
само малку
да не се чувствуваш
бездомно
во своето зрно

Некој рекол дека
само три нешта се неповратни
времето, зборовите и можностите

Поетот ќе ги пронајде зборовите
и ете ти можност
да се вратиш низ времето

Ама што фајде
кога сите времиња
се предавство
на својот народ

Ете ти уште една
прекрасна можност
да пронајдеш збор
вистински збор
за скок
во празното минато...


КРУГОТ НА ЧОВЕКОТ

Многу векови
поминале низ воздухот
потем,некој ке рече
многу јазици изумреле
од безгласните именки
што се распарчиле
по патот до нокта
чудни се судбините
кај што постои човек
ке ти се заплаши умот
и ке ги повторуваш
сите заглавија
од подбивните разговори

A јас ете
ги поправам мислите
и се сомневам дека
и другите зборуваат со себе
но,не се доволно и сите води
да ги поплават
мртвите љубови
постои демек
левата хемисфера
да го задржи
кревкиот пад
на грешниот занес
задушливи се и сите зраци
што доаѓаат со снеговите

Ама ете, пролет е
купуваме свежи бакнежи
од чиниите со одминат сон

Некогаш ке ти се причини
дека случајно си загледан
во нечиј крај
само колку да се оддалечиш
од почетокот
на празниот бескрај

Тогаш,точката на гледање
се слева со чекорите
точно кога
и прерано ке го стигнеш
крикот на самогласките...


ПОТЕКЛО НА ЉУБОВТА

Ти паѓа ли
некогаш на памет
да размислиш
од каква земја
се раѓа сонцето
или,кој ти ги
нацртал усните

Еден ден ке се искачеш
на небото
и ке ја голтнеш
сета светлина
ќе лазиш гладен
само за да го симнеш
ореолот од Божјиот храм

Којзнае од каде доаѓа
тивкиот мирис на животот

Можеби од пепелта
на сонот
или од вербата
да го допреш
алхемислиот вознес
на своето тело

Подли се Божјите патишта
кога ке посакаш
да го одгатнеш
јазикот на својата душа

Разбуди се кога ќе трагаш
по мапата на чудата
таму ке се изнаплаче срцето
за сите вистини
што испариле
низ мноштвото огништа

Само не ми раскажувај
како умре
молитвата од усните
Не сакам да се пресликам
во изгасен оган
само затоа што решив
да ја љубам
вселенската болка...

Ако умрам на зајдисонце
оставете ја мојата душа
низ небесните чардаци
да плови со здивот
на секое време...


СВЕТА МУЗИКА

Сонувам да се разбудам
додека сите времиња спијат
Би можела
од звукот на тишината
да те сокријам
од лудите ветрови

Мојата трпеза
се белите ноти
на вселенскиот хор
а во несовладливиот молк
ке ги допирам слоговите
од твоите усни

Ти ќе ме влечеш
низ блудните мостови
за да го преминеме
девствениот пат
на нашите мисли

Не е тоа само мамка
да ја дофатам светата музика
секој трепет
ке биде голтка вода
за жедното тело
што испушта
милиони пораки
во очите на патникот

Само не задушувај ги
здивените погледи
од неколкуте збора
не сонувај
пред да измислиш сон
некој друг свет
ке ги пресече
и најчудните далечини
додека молчиме заслепени
од прецутените мирти

Прости што го љубев
неспокојството на светлината
што купував празни стихови
за мрачните бури
и несебично те лекував
со слаткиот грев
на светата музика...


ЖЕНАТА ШТО СЕ УДАВИ ВО НЕБОТО

Милуваше
да се сокрие
во ведрите самогласки
на Божјите монолози
и знаеше точно
зошто ја љуби
меланхолијата
на космичкиот искон

Стокмена
го кротеше јазикот
на брзите реки
и си поигруваше
со одминатиот миг
на звукот

Ама еднаш се загледа
во звезденото небо
и измисли јаве
да биде Бог...


ЧОВЕКОТ ШТО СКИТАШЕ ПО МРАКОТ... НА ПЛАДНЕ

Еден улав човек
отфрлен од бога
често, во окото
носеше снопче светлина
и со некој тра-ла-ла јазик
ја одминуваше границата
на утринскиот сон

Ама тоа не му беше доволно
та го трампа и другото око
за трошка страв

Ова не е митска приказна...

Човекот еден ден
се претвори
во слепа месечина

Често се обидувам
да го пронајдам
ама никако да сфатам
дека ги прескокнувам
сите денови
кога е пладне...


ДИЈАЛОГ СО БУКВИТЕ И БРОЈКИТЕ

Што ти чини животот
ако си самиот
заборавен актер
кој се крие
во здодевните мисли

Ете, јас прифакам
да го успијам
секој глагол
што противречи
на старите мудрости

Тогаш Ти ке се соочиш
со најголемата одлука
да почнеш дијалог
без зборови

На почеток
внимавај на големите букви
тие се измислени
и немаат некое
посебно значење
во Твојот живот
всушност
бројките не се римуваат
со смртта

„ЖИВОТОТ МОЖЕ ДА БИДЕ
ТЕЖОК И ЛЕСЕН“-ЗБОРУВАШЕ
ЕМБ 121196766001
и продолжи
да игра криенка
низ толпата...

*Парафраза на мисла на Ацо Гогов


МЕЛАНХОЛИЧАРОТ ШТО ЧИТАШЕ САТИРА

Без причина
ова утро
си ги запиша
тајните во два реда
и предвреме ја заврши
автобиографијата на денот

Немаш потреба
да изигруваш
сентиментален будала
убаво е вака да се оптегнеш
и да се привикнеш
на досадната слобода
кога ни една ситница
не тежнее кон идеал

Добро би било
да ги запознаеш
временските промени
тогаш нештата
ќе ти одат од рака
и полесно
ке ја изневериш
хипнозата
од вековното сонце

Ќерка ми прашува
како настанал човекот
ја поткревам веѓата
и ја носам во градината
да садиме цвеќе

Види,снеговите се стопиле
дошол мај
сонцето нишани
на фрленото семе
го отворам весникот
и читам за човекот
што изчезнал во соништата...


ДИЈАЛОГ, МОНОЛОГ И ДОН КИХОТ

Сите нешта си имаат свое време
ќе се искачиш до својот храм
и ќе ја чекаш победата
да те испрати накај коработ
среде длабочините
кај што нашите усни
се спојуваат со патеката
на урнатините
меѓу отровните јазици

Ти заспиваш
среде дивите билки
и мирисот на мајчината душа

Често пати тоа се случува
ја играме истата сцена
и пак се навраќаме
да купиме неколку збора

Нема веке неми беседи,
ни празни глупости
ни очајни времиња
ни изгубени надежи
ни забоболки
ни главоболки

Ти, јас...
лажна ли е оваа дефиниција

Се е неподносливо
во однос на божјите заебанции
и хаосот во својата глава

Се присеќаш на Дон Кихот
и си мислиш дали имаш волја
да го разбиеш сомнежот
што рие меѓу слепоочниците

Излегуваш надвор
се потпираш на тишината
ја пишуваш адресата
на изветвена хартија
и чекаш да ја допишеш
апологијата на глупоста

Само не сфатив
до кога ке го кршам лебот
од изморениот патник со гладно срце...

Viewing all articles
Browse latest Browse all 1887

Trending Articles